Пренос и дистрибуција на електрична енергија

За да може произведената електрична енергија од централите каква што е ХЕЦ „Матка“ и од сите други производители да дојде досите потрошувачи, неопходно е таа соодветно да се „ пренесе“.

Преносот“ на електричната енергија до сите потрошувачи се врши преку два меѓусебно поврзани системи: системот за пренос и системот за дистрибуција на електрична енергија.

Системот за пренос на електрична енергија го сочинуваат трафостаници и високонапонска далноводна мрежа, чија основна задача е да ја пренесат електричната енергија на големи растојанија што некогаш надминуваат и неколку стотици километри, како и до големите фабрики што истовремено се и најголеми потрошувачи на електрична енергија. За да може да ја оствари оваа задача, преносниот систем на електрична енергија работи на напонско ниво од 110.000 и 400.000 волти.

Системот за дистрибуција на електрична енергија се надоврзува на преносниот систем. Неговата задача е успешно да ја донесе електричната енергија до сите потрошувачи во земјата. Него го сочинуваат трафостаници и дистрибутивна мрежа од електрични водови, кои во зависност од големината на потрошувачите што се приклучени на неа, ја пренесуваат електричната енергија на неколку напонски нивоа, почнувајќи од 110.000 волти, преку 35.000, 20.000, 10.000 и 6.000 волти, па сè до 400 волти.