За електричната енергија во служба на човековите потреби, биле потребни векови и упорно и постапно откривање низа електрични појави.
За електричната енергија
во служба на човековите потреби, биле потребни векови и упорно и постапно откривање низа електрични појави. Од кога нешто конкретно се знае за електрицитетот, тешко е да се каже. Луѓето одамна ги забележале и биле фасцинирани од природните појави какви што се молњите, громовите и слично. Се претпоставува дека старогрчкиот филозоф Талес од Милет (околу 600 година пр.н.е.) прв запишал дека килибарот протриен со крзно привлекува лесни предмети какви што се коса, волна, струготини од дрво. Желбата на човекот да ја разбере природата продолжува.
Многу подоцна
околу 1600 година, англискиот лекар Вилијам Џилберт (William Gilbert) забележал дека други тела, како, на пример, стаклото и волната, со триење стаклото или крзното добиваат својства исти како килибарот. Џилберт вели дека тие се наелектризирале. И не случајно на старогрчки килибар се вика електрон.
Во периодот од 17 век до крајот на 19 век
се направени значајни откритија – разграничување на проводници од изолатори, позитивен и негативен електрицитет, галвански ефект, електричен лак, електромагнетизам и електродинамика, електромагнетна индукција, закон за електролиза, електромотор на еднонасочна струја, светилка на јагленово влакно, закон за одржување постојаност на енергијата.
Вистинска пресвртница е пронаоѓањето на генераторот за еднонасочна струја што ја означува ерата на електрификацијата во светот. Во последните две децении од 19 век се случува бумот во сферата на електричната енергија, почнувајќи од првата изградена електрична централа за еднонасочна струја во Париз во 1880 година за осветлување на ограничено подрачје од градот. Потоа следуваат Едисоновата централа во Њујорк во 1881 година, која со неколку генератори опслужувала околу 3.000 светилки за 59 потрошувачи, во Лондон во 1882, во Берлин 1883 година. Во Рим во 1886 година е изградена првата електрична централа за променлива струја. Во 90-тите години на 19 век се изградени илјадници електрични централи во САД и во Европа, главно за обезбедување осветлување.
Развојот продолжува. Со генијалните пронајдоци и патенти на Никола Тесла се создадени услови за пренос на електричната енергија на големи далечини. Во 1891 година е изработен далновод од 175 км за пренос на трифазна наизменична струја од хидроелектричната централа во Лауфен (Германија) до Франкфурт на Мајна, врз системот на Тесла.
Во 1895 година
на Нијагара, САД, почнува да работи првата хидроелектрична централа, создадена според патентите на Тесла, со три генератори со моќност од по 3700 KW. Електричната енергија се пренесувала на оддалеченост од 35 км, до градот Бафало, каде што била користена индустријата за алуминиум. Изградбата и почетокот на работата на оваа хидроцентрала се смета за почеток на револуцијата на електрификација на светот.