Производство на електрична енергија во Македонија
Во почетокот на минатиот век во Македонија започнува електрификацијата. Во 1909 година во Скопје била пуштена во употреба првата централа за производство на електрична енергија во Македонија.
Централата произведувала еднонасочна струја со моќност од 60 KS и напон од 220 V. Електричната енергија произведена во првата централа во Скопје се користела за осветлување на зградата во која бил сместен конакот на турскиот валија (во тоа време Македонија се наоѓала во состав на Отоманската Империја), за пумпната станица на градскиот водовод и за осветлување на една улица во градот. Во 1924 година, кога е електрифициран вториот град во Македонија – Битола, во Скопје се пуштаат во употреба уште неколку помали дизел-агрегати за производство на електрична енергија, која била употребувана за осветлување на неколку тогашни фабрики, на градската болница и на театарот.
Во истиот период е изградена првата хидроелектрична централа во Македонија во 1927 година, на реката Пена во Тетово. ХЕЦ „Пена“ била со моќност од 1760 кW. Покрај за потребите на Тетово, оваа електрана произведувала електрична eнергија и за потребите на Скопје, за што бил изграден и првиот 35kV далновод во должина од 45km. До почетокот на Втората светска војна во Македонија се пуштени во употреба неколку агрегати за производство на електрична енергија со мала моќност. Во 1938 година била пуштена во употреба и хидроелектричната централа „Матка“, која со своите карактеристики и моќност од над 4MW претставувала првиот поголем капацитет за производство на електрична енергија во тогашна Македонија.
До 1940 година речиси сите поголеми градови во Македонија имале електрична енергија. Поинтензивната електрификација и развојот на електроенергетскиот систем на Македонија започнува по Втората светска војна. Во 1945 година било формирано и Федералното електроенергетско претпријатие (ФЕП), кое подоцна било трансформирано во Електростопанство на Македонија (ЕСМ). Во периодот од 1956 до 1970 година се изградени и се пуштени во употреба 7 хидролектрани (кои работат и денес). Од нив најголема е ХЕЦ „Вруток“, која е една од трите хидроелектрани од т.н. Мавровски слив. Во 1964 година е изграден првиот 220kV далновод, кој го поврзувал Скопје со ТЕЦ „Косово А“, а следната година (1965) е започната и изградбата на првата 220kV трансформаторска станица „Скопје-1“. Во следните децении, преносната електроенергетска мрежа се надоградува и со 440 kW далноводи и трансформаторски станици. Во периодот од 1978 до 1988 година во Македонија се изградени три термоелектрични централи со голема инсталирана можност, кои се во функција и денес. Првата од нив – ТЕЦ „Неготино“ (210 MW) – е изградена во 1978 и користи мазут како погонско гориво. Оваа централа се користи како резервен капацитет во рамките на електроенергетскиот систем на земјата. Втората е ТЕЦ „Осломеј“ (125 MW) изградена во 1980 година и ТЕЦ „Битола“ со три целини, наречени блокови, со вкупна инсталирана моќност од 630 MW, од кои последниот е пуштен во употреба во 1988 година. TEЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Битола“ користат јаглен (лигнит) како погонско гориво и заедно обезбедуваат 70% од вкупното домашно производство на електрична енергија.
Со новите трендови во производството на електрична енергија во Македонија започнаа и инвестиции во обновливи извори на енергија. Во 2014 година започна со работа паркот на ветерници во Богданци, чија инсталирана моќност изнесува 36,8 МWh и може да снабди со електрична енергија еден град со големина на Гевгелија, Дојран или Богданци.